Хумани преку уметноста!

Заедничка хуманитарна акција на клиентите со НЛБ Банка

    

  

На 01.12.2016 година, во НЛБ Галеријата се отвори продажна изложба на детски цртежи. На продажната изложба сите присутни гости, клиенти и вработени, со купување на детските цртежи, донираа средства. Од донациите на клентите и Банката, беа собрани вкупно 623 500 денари.

   



 

Хуманитарната продажба ја отвори, Антонио Аргир, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка: „-Детските цртежи кои имате прилика да ги погледнете вечерва, се најголемата и најубавата изложба што веќе 5-та година по ред ја одржуваме во НЛБ Галеријата, која инаку има во просек по 13 изложби годишно. Но, оваа изложба, се согласувате, е посебна! Годинава за време на НЛБ Месецот на штедење во периодот од 26.09.2016 година до 25.10.2016, ни пристигнаа 1799 цртежи, на тема „Штедење и хуманост“, а за секој примен цртеж НЛБ Банка ќе донира 200 денари.

Оваа година решивме да несебично се разделиме од овие мали ремек дела, овозможувајќи ви да понесете дома, дел од детската фантазија, преку купувањето на цртежите по симболична цена од минимум 500 денари.

Со мотото на оваа изложба „Заедно можеме повеќе!“, гордо Ви најавувам дека сите средства собрани оваа вечер ќе бидат донирани за Специјална Олимпијада Македонија.”

 

На присутните донатори им се заблагодари и Јулијана Петровска, носител на злато на 50 метри атлетика од Лос Анџелес 2015: „-Денес сум тука да ви се заблагодарам за Вашата поддршка бидејќи со донациите, ни помагате да ја доживееме среќата, задоволството и радоста на успехот, да бидеме храбри и сигурни. Тоа го прави Специјалната Олимпијада за нас, а преку вашите донации со купувањето на овие цртежи и вие ни помагате во оваа цел.“

 

Продажната изложба ќе трае до 05.12.2016 година, период во кој НЛБ Галеријата ќе биде отворена секој ден, а сите посетители ќе можат да купат цртеж и да донираат за Специјална Олимпијада Македонија.

 

Со почит,

  

НЛБ Банка АД Скопје