НЛБ Групацијата, најголемата банкарска и финансиска групација со седиште и ексклузивен стратешки интерес во регионот, донира средства за долгорочна поддршка на семејствата на настраданите и повредените во пожарот кој неодамна се случи во Кочани. Сите банки-членки на Групацијата контрибуираат со одреден износ, со што вкупниот износ на донацијата изнесува 350 илјади евра, средства кои треба да помогнат на погодените во справување со последиците од трагедијата.
Средствата ќе бидат уплатени на сметката на неодамна основаната Фондација на Македонската банкарска асоцијација „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“, во која НЛБ Банка е еден од оснивачите, а чија основна цел е помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани на повредените во пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и нивните семејства, како и поддршка во образовниот процес и професионалната реинтеграција на лицата и семејствата кои се соочија со загуба.
„Длабоко жалиме за изгубените животи, Кочани е огрома трагедија. Во вакви моменти, важно е да се потсетиме на силата на заедништвото и на нашата подготвеност да се обединиме и да делуваме здружено и со сите капацитети. Впрочем, како оснивачи и донатори во Фондацијата на Македонската банкарска асоцијација која ја промовира солидарноста и општествената одговорност на банкарскиот сектор тоа и го потврдуваме. Изразуваме огромна благодарност до нашата групација, НЛБ Групацијата, и сите нејзини членки кои давајќи придонес кон оваа донација уште еднаш ја потврдуваат својата позветеност кон регинот во кој делуваме.“ - изјави Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
„Неодамнешната трагедија од пожарот длабоко не погоди сите нас - не само како банка, туку и како луѓе кои живеат и работат во овој регион. За нас, овој регион не е само точка на мапата - тој е и наш дом. И кога вашиот дом „ве боли“, правите сè што можете да помогнете. НЛБ Групацијата ја дава оваа донација за закрепнување и надеж, затоа што ние не сме само банка туку сме и соседи, и партнери и дел од заедницата. И секогаш ќе бидеме тука да помогнеме и да придонесеме, и во моменти на раст и во моменти на тага“– истакнува Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ Групацијата.
Непосредно по трагедијата, НЛБ Банка Скопје донираше и средства преку сметката на солидарноста на Црвениот крст на Република Северна Македонија, давајќи поддршка на организацијата која уште веднаш ги стави во функција сите механизми за материјална и хуманитарна помош на повредените и семејствата на настраданите, и сите свои расположиви капацитети за поддршка на институциите во справување со последиците од страотниот пожар.