Потпишан договор за кредит од 2 милиони евра за кредитирање на мали и средни бизниси
НЛБ Банка Скопјe потпиша договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кој обезбеди 2 милиони евра за кредитирање на мали и средни претпријатија за инвестиции во дигитални и зелени технологии. Кредитот се одобрува во рамките на програмата „Go Digital за Западен Балкан“, поддржана од Европската Унија (ЕУ), која има за цел да поттикне иновации, конкурентност и одржлив раст во приватниот сектор.
НЛБ Банка преку „Go Digital” програмата на ЕБОР отсега им овозможува на малите и средни претпријатија да аплицираат за финансирање на широк спектар на технологии и инвестициски решенија, почнувајќи од едноставно усвојување на автоматизирани и роботизирани индустриски решенија, па сѐ до комплексни дигитални алатки за донесување на одлуки, како и генерирање на податоци и алатки за анализа, со што ќе придонесат за декарбонизацијата и генерирање на ефикасност.

Покрај кредитирањето, малите и средни претпријатија во земјава, преку оваа програма ќе бидат поддржани со грантови во висина од 10 отсто од вредноста на кредитот, како и со техничка помош која ќе им помогне да ги идентификуваат и структуираат приоритетните инвестиции.
„Малите и средни претпријатија се 'рбетот на нашата економија. Поддржувајќи ја нивната транзиција кон почисти, поефикасни и дигитални бизнис модели, ние не само што инвестираме во нивната конкурентност, туку и во поотпорна и економија подготвена за иднината. Веруваме дека преку оваа кредитна линија ќе им помогнеме на бизнисите да го намалат својот еколошки отпечаток, а воедно и да ја зголемат продуктивноста и пристапот до нови пазари“, изјави Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
Фатих Туркменоглу, Претсавник на ЕБОР за Северна Македонија, нагласи дека поддршката на малите и средни претпријатија во нивната дигитална и зелена транзиција е од суштинско значење за поттикнување на конкурентен и отпорен приватен сектор, а токму овој заем има за цел да им помогне на овие претпријатија да ја искористат моќта на автоматизацијата и дигитализацијата, правејќи ги поконкурентни на локалните и на меѓународните пазари.
На потпишувањето на договорот, Михалис Рокас, Амбасадор на Европска Унија во Северна Македонија, нагласи дека со овој наменски кредит се отвораат можности за малите и средни претпријатија да го подобрат работењето, да ја зајакнат продуктивноста и поттикнат иновативноста, додадавајќи дека поддршката на дигиталната трансформација во бизнис сферата, преку Инвестициската програма за Западен Балкан, како и реформскиот и развојниот план останува приоритет на ЕУ.
Партнеството меѓу НЛБ Банка, ЕБОР и ЕУ гарантира овие инвестиции да се согласно стандардите за зелена и одржлива економија, помагајќи им на бизнисите при имплементација на решенија да се поеколошки и поконкурентни за пазарите на ЕУ. Доказ за тоа е долгодишната и успешна соработка помеѓу НЛБ Банка и ЕБОР, изразена во 9 кредитни линии со кои досега се поддржани повеќе од 300 проекти за правни лица и над 600 проекти за физички лица.