НЛБ Банка АД Скопје во првиот квартал од годината со нето добивка од 8,1 милиони евра

   

  

НЛБ Банка АД Скопје ги објави своите финансиски резултати од првиот квартал од 2021 година (од 01.01.2021 до 31.03.2021 година), со кои покажа дека како една од водечките финансиски институции, и покрај продолжените негативни ефекти од пандемијата КОВИД-19, успеа да ја зачува и оддржи високата ликвидност и солвентност, континуитетот и квалитетот на услугите и обезбеди финансиска поддршка за клиентите.

  

Нето добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 8,1 мил еур и е зголемена за 19,3% во однос на истиот период претходна година.

Заклучно со 31.03.2021 година билансната сума е зголемена за 36,8 мил еуро или  2,3% во однос на 31.12.2020 година.

 

Банката успеа да оствари позитивни резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со продукти и платни сервиси. За време на овој период, Банката продолжи со имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции.

  

Дополнителна потврда за успешната работа на Банката е и веста за петтата по ред награда за Најдобра банка во нашата земја доделена од страна на финансискиот магазин ЕМЕА на годинешното доделување на Europe Banking Awards 2020.   Критериумите по кои Банката беше препознаена и избрана се однесуваат врз способноста на банките и финансиските институции да овозможат иновативни производи и услуги, да покажат одлични резултати во инвестициското банкарство, како и способност и капацитет да функционираат како социјално одговорни компании во општеството од кое се дел.

  

НЛБ Банка АД Скопје, како втора системски значајна банка и трета банка по големина во Р.С.Македонија, постојано го следи развојот на кризата, влијанието на банкарските финансиски позиции и следствено проактивно ги прилагодува своите деловни операции. Банката редовно презема мерки за заштита на своите клиенти и нуди најоптималните решенија, а како современа и креативна банка, ги следи светските технолошки трендови, истовремено насочувајќи ги своите ресурси кон забрзаната дигитализација и развојот на нови бизниси, проследено со континуирано унапредување на банкарските процеси.