Одржано Годишнотo собрание на акционери на НЛБ Банка

НЛБ Банка ќе исплати дивиденда во висина од 10,2 милиони евра

 

 

Според резултатите објавени на Годишното акционерско собрание, кое се одржа на 12.05.2022 година, НЛБ Банка Скопје заокружи уште една успешна година. И покрај и натаму присутните предизвици од пандемијата низ целата година, бројните ограничувања во домашната економија и глобално, особено евидентни во првиот квартал од годината, Банката и во 2021 година оствари одлични резултати во скоро сите сегменти од работењето.

    

   

Во 2021 година, НЛБ Банка Скопје оствари нето добивка во износ од 36,1 милиони евра, притоа остварувајќи годишен пораст од 30,2%. Реализираниот поврат на капиталот РОЕ изнесуваше 17,0%. Учеството на оперативните трошоци во вкупните нето-приходи изнесуваше 40,5% додека учеството на некаматните приходи во вкупните нето приходи изнесуваше 41,7%.

Вкупната актива на Банката достигна 1,8 милијарди ЕУР или 11,6% повеќе во однос на 2020 година како резултат на растот на депозитите за 8,6%, додека кредитите пораснаа за 13,1% преку пораст во двата сегменти – население и правни лица. Уделот на нефункционалните пласмани се одржа ниско на 4,7% од вкупното кредитно портфолио, додека адекватноста на капиталот на Банката изнесуваше 18,0%.

 

Следејќи ги трендовите во банкарскиот сектор, НЛБ Банка во текот на целата година работеше на воведување нови иновативни дигитални функционалности во насока на поголема достапност до клиентите, ја отвори првата целосно дигитална експозитура со комплетно нов бизнис-концепт за безготовинско работење и автоматизирани процеси. Воедно, ја збогати својата понуда на небанкарски производи, преку воведување нов продукт со комбинација на производи од инвестициски фондови и животно осигурување, како и воведување на продажба и тргување со акции и средства за физички и правни лица. Притоа, како општествено одговорна компанија, Банката оствари значаен придонес и силна поддршка на заедницата преку реализација на општествено одговорни проекти. За правните лица, односно микро и малите претпријатија кои претставуваат важен столб на домашната економија, беше продолжен проектот „Рамка за помош“ започнат во претходната година, со кој на пријавените компании идентификувани како најпогодени од кризата им беше дадена маркетиншка поддршка за полесно надминување на последиците.

 

На Собранието на акционерите беше усвоена Одлуката за распределба на дивиденда за 2021 година и утврдување на дивиденден календар. Согласно Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишна сметка и финансиските извештаи на НЛБ Банка АД Скопје за 2021 година, на акционерите ќе им биде исплатена дивиденда за 2021 година во бруто износ од 630.297.018 денари или околу 10,2 милиони евра. Износот на бруто дивиденда по акција изнесува 738 денари.

 

Во однос на активностите за 2022 година, Банката најави дека ќе остане силно посветена на остварување на своите стратешки цели: одлични деловни резултати, обезбедување модерни и иновативни банкарски решенија, врвно клиентско искуство и реализација на агендата за одржлив развој. Банката ќе продолжи да ги поддржува клиентите во проектите за развој на нивните бизнис и инвестициски активности и интензивно да работи на дигитализација на банкарските услуги. И во следниот период, НЛБ Банка останува да биде партнер и поддршка на општеството во кое делува, гледајќи на грижата за општото добро како на еден од своите највисоки приоритети.